Дојдени на крајот на вашето средно образование, со скромни 18 години позади вас треба да одлучите каде ќе го продолжите вашето образование. Дали ќе останете во Македонија или можеби ќе одлучите да одите некаде во странство (како што јас одлучив да го продолжам моето образование во Словенија). Сигурно во глава ви се вртат истите прашања што и мене ми создаваа проблеми: „Како ќе се вклопам во новата средина кога не го знам јазикот?“; „Дали ќе успеам да најдам пријатели?“; „Што ќе правам без моите најблиски?“.

Тука сум да ви кажам дека низ тоа што поминувате е целосно нормално, но тоа не значи дека треба да ве обесхрабри за да си го зграпчите вашиот живот во свои раце. Не сум тука да ви кажувам каква е ситуацијата во Македонија и дали е добро да го напуштите вашиот дом (тоа е навлегување во вашата приватност), но ако ме прашате заслужувате да видите некој друг систем за да можете сами да си одлучите кој вас повеќе ви се допаѓа. На пример, мене заминувањето од дома ми направи многу повеќе да си го сакам нашето Скопје и нашата Македонија.

Да се вратиме на темата и хипотетички да замислиме дека сте одлучиле да студирате во странство. Ќе бидам искрен и нема да ве лажам, првите неколку месеци се најтешки. Исполнети се со многу солзи, со чувство на осаменост и во вас ќе преовладуваат носталгија и меланхоличност. Ама како што викаат, после дожд следува сонце. Секако дека може да ги надминете овие состојби. Би сакал да ви кажам дека постои некоја формула што може да ја примените за прилагодување на новата средина, но за жал тоа не е така.

Само можам да ви кажам што мене ми помогна. Пристигнав во Марибор и се чувствував осамено и тажно. Едноставно не знаев што да правам со моите емоции. Не сум уметничка душа, но ете почнав да ги преточувам моите состојби и внатрешни немири во поезија. Тие мои песни ми помогнаа да се соочам и прифатам мојата реалност. Истите почнав да ги споделувам со моите најблиски и луѓето околу мене и така сфатив дека не сум сам (запамтете, никогаш не сте сами, секогаш има некој што поминува низ истото како вас).

Секако тоа не беше доволно. Секојдневието ми беше монотоно и се состоеше од одење на предавање и учење. Ми недостасуваа тие шармантни скопски настани. Затоа одлучив да ја запознаам мариборската култура и си го пронајдов моето културно катче. На тие настани запознав мои луѓе (сите си имаме свој тип на луѓе и секогаш ќе најдете место каде ќе го пронајдете вашиот тип) и многу нови уметници за кои никогаш немав слушнато. Со запознавањето на нови луѓе си го подобрив и мојот словенечки, кој сè уште не го говорам јасно и граматички точно, но тоа ми е само мотивација за да си го подобрам.

Во мојот тинејџерски живот не бев човекот што активно спортува. Ама еве, од мака почнав и да спортувам. Секојдневно трчам и вежбам. Не знам зошто, ама тоа ми даде друга перспектива на животот и ме направи психички посилен за да можам да се справам со мојата осаменост. Очигледно имало нешто во зборовите: „здраво тело, здрав дух“.

Има уште многу ситници кои ми помогнаа да почнам во Марибор да се чувствувам како дома, но сепак сметам дека најважно е да останете упорни и храбри. Не се откажувајте на првата препрека, затоа што светот е многу поубав кога го гледате од макотрпно искачената планина од предизвици.